Здружение за напредно современо образование

Волвокс - Битола

<< Назад

ЕМОЦИОНАЛНИОТ ЖИВОТ НА НАДАРЕНИТЕ ДЕЦА

14798787_10208715174850322_1434859635_n

 

Надареноста означува  многу развиен потенцијал на извонредни способности, односно склоп на вродени особини кои на личноста и овозможуваат доследно да постигнува значајни резултати во една или повеќе подрачја од животот.  Таа е поврзана со натпросечна интелигенција и кретивност. Високо  креативните и надарени деца се оние кои најверојатно ќе ги револуционизираат знаењата во својата област. Како претставници на овие надарени луѓе  можеме да ги посочиме некои врвни умови како: Ајнштајн,  Бетовен,  Пикасо, Тесла и др. Она што треба да се акцентира е дека високо надарените деца се  многу вредно богатство за човештвото, зашто се носители на идните промени.

Иако луѓето се развиваат според некои општи развојни принципи,  сепак надарените деца  одстапуваат од очекуваните обрасци на однесување типични за просечната популација.  Во своето истражување д-р Винер (Winner) покажа дека креаторите на промени се уникатни суштества. Како некои заеднички карактеристики на високо надарените деца ги наведува следниве: независни се и не се конформисти, поседуваат  силна верба во себе,  ризикуваат, за нив работата е игра,  но исто така дека во голем процент (75% -85%) доживеале големи непријатности во детството. Оваа уникатност на надарените  создава необични емоционални потреби.

    Каков е емоционалниот свет на  надарените деца?

Во научната литература постојат бројни  примери за луѓе со  висок количник на интелигенција (IQ)  кои не ги постигнале  резултатите за кои имаат потенцијал. Во поуларната книга на тема емоционална интелигенција, познатиот автор Даниел Големан вели:  “академската интелигнција има малку врска со емоционалниот живот“ и додава дека: “… „луѓе со висока IQ може да бидат недоволно вешти  во раководењето со својот приватен живот.“ Тој смета дека емоционалната и академската интелигенција  се независни една од друга, и дека треба да се вложува во развојот на емоционалната интелиенција, особено кај надарените деца.

Надарените се различни на повеќе  начини од просечните, што често ги доведува до социјална изолација и до  чувство на различност и  осаменост.  Едно од најчестите искуствата на надарените деца е единствениот и оригинален  начин на перцепирање на реалноста. Тие имаат  развиено апстрактно мислење, а единствените перцепции на надарени  се могу креативни,  оригинални и моќни. Резултатот на овие способности е што детето  расте во поинаква  реалност од онаа на врсниците, а често се разликува и од своите  родители, наставници и соработници.

Комбинацијата  на оригинална перцепција и социјална изолација може да доведе до емоционален вакуум. Она за што треба да станат свесни надарените и нивните блиски е дека изолацијата не е недостаток, таа е потреба која им дава можност  да ги негуваат своите таленти и да се фокусираат во толкава мера која ќе им овозможи да бријлираат. Значи времето кое го поминуваат сами не треба да се елиминира, туку да се избалансира.

Улогата на родителите и наставниците во подигање на надарени деца не е лесна.

Процесот на растење развој на надарените деца бара посебна поддршка од  семејството, а особено е важно  прифаќањето на нивните разлики и формирање на позитивна слика за себе. И покрај големиот потенцијал кој го носат, на надарените им е потребна помош во усогласувањето на нивните мисли, чувства и однесување, употреба на сопствената моќ и прифаќање на ограничувањата.Често родителите се обидуваат  да го решат  феноменот на различност и изолација на детето преку обезбедување повеќе внимание. Но прекумерно или несоодветно внимание од страна на  возрасните може  само го зголеми проблемот. На надарените деца им треба поддршка и разбирање.

Важна образовна  и воспитна обврска на  наставниците е да ги идентификуваат способностите и особините на личноста  на надарените, како би можел  социо-емоционалниот развој на детето да го следи когнитивниот. Познанства надвор од семејството и од класот се уште еден начин на зајакнување на надарените  деца. Освем дужење со  деца на иста хронолошката возраст тие имаат потреба од дружење со  деца со слични интелектуални способности. Со запознавање на слични на себе деца, се намалува  чувство на различност и расте  разберањето  дека сличните како нив деца имаат слични проблеми.

Обуки за развој на емоционална интелигенција е од суштинско значење 

За полесно ја  прифатат својата посебност, како и  особеностите на  другите, а со тоа и да ги искористат нивните  потенцијали,  потребно е да се  организираат работилници за зајакнување на надарени деца. Во една мала група, децата ќе можат да играат во безбедна и отворена атмосфера и да ги споделат своите мисли, грижи и чувства, да се разберат сопствените емоциите и на другите деца и да научат социјални и емоционални вештини.

Развојот на емоционалните вештини како самосвест, самовладеење и самомотивација се клучни за правилен развој на надареното дете. Овие обуки  треба да се насочат на  потребата на надарените  да  се спознаат и прифатат себе си како важни и уникатни суштества. Надарените се мотивирани да работат во насока на усовршување и постигнуваат задоволство од своите достигнувања, Развојот на самомотивацијата е во насока да го  надминат перфекционизмот,  неприфаќање на  неуспех,  а  песимистичките верувања да ги трансформираат во  оптимистички  ставови и истрајност за  успеси адекватен на нивните врвни способности.

Посветеноста  на развојот на социјалните вештини  го подобрува  академскиот развој, зашто интелектуалните способности не може да ги заменат емоционалните способности. Без оглед колко се талентирани, децата се сепак социјални суштества на кои им се апсолутно потребни релации со други.

Кога семејната топлина и поддршка од родителите се надополнети со правилен пристап на наставниците во насока на  поттик и објективни очекувања, како и адекватно вложување во социо-емоционалниот развој  – тогаш може да се каже дека е пронајден рецепт за оптимален развој на надарените деца.

Проф. Д-р Марија Котевска Димовска