Здружение за напредно современо образование

Волвокс - Битола

<< Назад

ПРЕТПРИЕМАЧКОТО УЧЕЊЕ КАЈ СТУДЕНТИТЕ- ОСНОВА ЗА РАЗВОЈ НА МЛАДИНСКОТО ПРЕТПРИЕМНИШТВ

17757855_10210144008570272_732716640_n

 

Живееме во време на промени! Живееме во време кога брзиот развој на технологијата, глобализацијата наметнуваат нов императив на современото општество. Новиот императив наметнува промени во високото образование во чиј фокус се студентите, со цел да ги оспособи и образува младите луѓе да станат активни учесници во сопствениот развој и развојот на заедницата. Современите предизвици со кои се соочува Р. Македонија отвораат бројни дилеми кај сите нас, да се најде одговор на најголемото и најгорливо прашање како да се намали невработеноста кај младите луѓе. Од една страна, како резултат на политичко- економската криза Р. Македонија се повеќе се соочува со „одлив на мозоци“, кои во голема мера се млади луѓе, се поголем број на запишани студенти на постојните високо образовни институции, кои потоа се борат да најдат работа соодветна на нивното образование, а од друга страна, видливи се заложбите за актуелизација и промоција на претприемништвото како важна и корисна алтернатива да се креираат нови работни места и да се постигне успех. Современата парадигма во фокусот ги става способностите и компетенциите што ги стекнуваат студентите во општеството „засновано на знаење“. Најважниот фактор на економскиот развој е знаењето. Најголемата конкуренција во денешниот свет меѓу компаниите и државите се одвива во областа на знаењето. Знаењето станува фактор од пресудно значење за положбата на компаниите, нивното позиционирање на пазарот како и на нивната профитабилност. Вложувањето во знаењето е една од најисплатливите инвестиции. Додека постојано се зборува за бројни успешни млади претприемачи во светот, во Р. Македонија може слободно да се каже дека младите претприемачи претставуваат „загрозен вид“. Конкуренцијата е тешка. Капиталот е дефицитарен. Опкружувањето многу брзо се менува. Се поставува прашањето што треба да се направи да се поттикне младинското претприемништво, дали младите луѓе на претприемништвото гледаат како на видлива кариерна опција? Ако се има во предвид фактот дека во Р. Македонија највисока стапка на невработеност се забележува кај лицата на возраст од 15- 24 години и изнесува 47. 3 (Анкета за работна сила, 2015, 22), тогаш еден од главните предизвици на Р. Македонија е креирањето работни места, со посебен фокус на младите. Тоа ја наметнува потребата од образование за претприемништво во сите под- системи на образовниот систем (основно, средно и високо образование). Согласно, Стратегијата за претприемачко учење на Р. Македонија 2014-2020, Р. Македонија тежнее да стане земја со високо развиени претприемачка култура и дух кои не се поврзани со возраста и кои ќе ги инспирираат сите лица во општеството преку креативност, иновации, иницијативност и конкурентен став кон учењето да успеат. Претприемачкото учење бара сериозни заложби од страна на високо образовните институции за да може „доволно“ да ги опремат младите луѓе со претприемнички вештини и знаење. Напорите треба да се фокусираат на развој на меки вештини, како што се способноста критички да се размислува, да се преземаат иницијативи, да се решаваат проблеми, заеднички да се работи и на тој начин ќе се подготват студентите за денешните разновидни и непредвидливи кариерни предизвици. Бидејќи, претприемништвото не се однесува само на оние кои сакаат да креираат нови бизниси, туку создава и подобро оспособени луѓе кои ќе им помогнат на оние кои имаат или креираат нови бизниси. Станува збор за акционо ориентиран начин на размислување и однесување кој е апликативен во секојдневниот живот во скоро сите области на работење и делување. Се поставува прашањето кој е претприемачот? Кои се неговите реалности? Според Мајкл Е. Гербер претприемачот е изумител, кој сонува со широко отворени очи, кој изумува нови бизниси. Постојано размислува што е она што недостасува, давајќи им го на купувачите, вработените, добавувачите, кредиторите и инвеститорите она што им е потребно- уникатен производ/услуга. Претприемачите не купуваат бизнис можности- тие ги создаваат. Работата на претприемачите е да создадат деловна можност на која ќе работат за да пораснат. За претприемачите изумот е заразен. За претприемачите, успехот на изумот- бизнисот- се мери со растежот. Претприемачите никогаш не создаваат бизниси само заради да преживеат. Тие создаваат бизниси кои одат напред, растат и се развиваат. Постои уште една и значајна реалност која го истакнува фактот дека секој поседува способност да биде претприемач. Претприемачите се создаваат. Постои желба за изразување, за успех, за креирање на нови производи/ услуги, нови бизниси.

Ваквата реалност на претприемачите, особено кај младите претприемачи може да се постигнат преку подигнување на свеста на младите да ја разберат важноста и значењето од одговорност спрема себе си и својата судбина, како и развој на индивидуалните квалитети како што се: креативноста, идентификување на деловни можности, превземање на ризик, флексибилност и адаптибилност, упорност и истрајност, ориентација кон преземање акција и сл. Секој аспект на образовниот систем, почнувајќи од основното, средното, високото образование како и неформалното образование треба да ги подготват младите луѓе за потребните вештини на 21-от век за да бидат конкурентни. Затоа добро би било да се запомни мислата на Charles Darwin кој рекол: „Не преживуваат најјаките туку најприлагодливите!“

Подготвил: Проф. д-р Моника Марковска