Здружение за напредно современо образование

Волвокс - Битола

<< Назад

Технологијата и развојот на децата

 

1

 

Како резултат на технолошкиот развој и глобализацијата, сведоци сме на се поголемото влијание на дигиталната ера врз секојдневието. Во таа насока, појавата на компјутерот и паметните телефони го направија користењето на интернетот и социјалните мрежи полесно од било кога со што се отвори една нова димензија на можностите за комуникација и социјализација. Покрај можностите за социјализација користењето на современата технологија нуди можност и за забава и едукација.

Родителите се соочуваат со дилеми како и колку е корисна современата технологија и користењето на интернетот за нивните деца. Тоа е сосема  природно ако се знае дека стравот од непознатото е интензивен. Често се случува  децата да имаат поголеми познавања за користењето на оваа техологија и интернетот од нивните родители. Ваквите стравови и дилеми не се неоправдани и научната јавност сеуште е поделена по ова прашање. Психолозите посочуваат неколку аспекти на кои технологијата и интернетот влијаат врз развојот на децата.

Покрај огромниот бенефит кој го имаат новите технологии во развојот на децата има сознанија дека во некои случаи на неконтролирано користење на истите тие можат штетно да влијаат на развојот на некои функции кај децата.

Вниманието претставува когнитивен процес кој овозможува селективно насочување на менталната активност на одредени делови или аспекти на зададена ситуација. Без овој когнитивен процес останатите процеси како меморирањето, резонирањето, способноста за решавање на проблеми, способноста за донеување одлуки и другите процеси не би можеле да се реализираат. Со употребата на компјутерите и интернетот кај децата задржувањето на вниманието претставува исклучително тешка задача, имагинацијата е непотребна, а меморијата инхибирана. Технологијата ги условува децата вниманието да го насочуваат  на содржини кои се различни од читањето. Самото читање е многу важна активност. Научно е докажано дека читањето придонесува за развивање на критичкото размислување, способноста за решавање на проблеми и збогатување на вокабуларот. Постојат сознанија дека  визуелните медиуми и видео игрите ги подобруваат спацијалните вештини кај децата.

Подучувањето денес има нова димензија. Неограничениот број на информации кои можат да се најдат онлајн ги направија учењето и подучувањето далеку поедноставни и пристапни како за децата така и за нивните родители. Сепак треба да се има во предвид и другата страна на достапноста до информации. Во овој контекст денес поважно е децата да знаат каде да ја бараат потрбната информација отколку да ја меморираат истата. Односно децата треба да запаметат помалку со тоа што знаат каде да ја најдат таа информација.

Некои истражувања посочуваат дека  постои корелација помеѓу користењето на новите технологии и намалувањето на способноста за донесување на одлуки. Со напредокот на технологијата  оваа способност за донесување на одлуки значително се олесни и притоа одлуките се носат многу побрзо со помали консеквенции. Ова станува разбирливо кога знаеме дека интернетот директно влијае на емоциите на децата и на потребата за одобрување.

Интернетот е преплавен со информации. Некои истражувања тврдат дека количината на информации на интернет се дуплира на секои 72 часа, 2000 нови веб страници се онлајн секој ден и 2000 нови книги се објавуваат на интернет. Како што кажал д-р Дејвид Левис : “ Да се има премногу информации е исто толку штетно како и да имате премалку информации“. Во тој контекст хиперстимулацијата со информации е реална закана за менталното здравје на новите генерации. Тие  треба да научат да се справуваат со свет исполнет со информации чиј број континуирано расте.

Интензивниот технолошки напредок и вклучувањето на интернетот во секојдневието претставува наша реалност. Денес интернетот рано влегува во животот на децата, понекогаш уште во раната доенeчка возраст. Исклучувањето на децата од контакт со технологијата е речиси невозможно и е на штета на децата. За десет години дете кое не знае да ракува со таблет ќе биде еквивалентно на дете од средината на XX век кое никогаш не држело книга во рацете. Сакајќи да ги заштитиме ќе им ги одземеме вештините кои ќе им бидат потребни за справување во иднина. Во таа насока во некои земји веке се развиваат превентивни програми за безбедно воведуванје на децата на итернет од страна на родителите. Родителите треба да се потрудат користењето на новите технологии да не биде единствена активност на децата.  Родителите можат да воведат и други активности во животот на децата  ( игра, читање, прераскажување, физички активности) се со цел да се постигне комплетен и хармоничен психофизички развој кај децата. Ограничувањето на интернетот се препорачува и од Бил Гејтс кој дава личен пример за тоа. Треба да се има во предвид дека однесувањето  на нашите деца е рефлексија на нашето однесување. Тоа значи дека и во овој случај ние треба да бидеме добар пример кој тие ќе го следат.

Психолог : Елена Милошевска